Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на Движењето ЗНАМ – Мирослав Лабудовиќ ја претстави својата визија за Центар – уредена, безбедна и еколошка општина која ќе биде вистински дом за своите граѓани, се наведува во соопштението од ЗНАМ.
„Центар мора да добие системски решенија. На граѓаните им е потребен ред, чистота, безбедност и функционален урбанизам, а не хаос и бетонизација“ – порача Лабудовиќ.
Тој најави низа конкретни проекти и тоа:
• Катни и монтажни гаражи во Буњаковец, Капиштец и во близина на новата железничка станица, со цел конечно да се реши хроничниот проблем со паркирањето.
• Темелно чистење на Центар во првите 100 дена од мандатот и воспоставување современ систем за хигиена.
• Безбедни рути до училиштата за децата – решение кое ќе гарантира дека секое дете безбедно стигнува до наставата.
• Селекција и рециклирање на отпадот со енергетски бенефити – Центар да стане првата општина со вистинска зелена политика.
• Младински иновативен центар како ново јадро за креативност и развој на младите.
• Мирен и квалитетен живот за жителите, со балансирање на ноќниот живот и поддршка за угостителите.
Осврнувајќи се на досегашното работење на актуелниот градоначалник Горан Герасимовски, Лабудовиќ беше дециден:
„Центар денес е жртва на масовна бетонизација и неконтролирани дозволи за градба кои го уништуваат зеленилото и ја загрозуваат животната средина. Тоа мора да престане. Ние имаме системски решенија – долгорочни и одржливи, кои ќе донесат ред и ќе го заштитат она што е највредно – животот и здравјето на луѓето.“
Лабудовиќ најави и координирана соработка со идниот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, при што сите одлуки и проекти ќе бидат усогласени и во интерес на граѓаните.