Жичарницата од Средно Водно до врвот на Водно и Милениумскиот крст веќе повеќе од десет дена не работи поради сервисен зафат. Додека траат поправките, од синдикатот на ЈСП предупредуваат дека во изминатиот период жичарницата работела без важечка работна дозвола.
„Жичницата одамна не требало да превезува патници бидејќи немала дозвола. Веќе беше критично и затоа мораше да се сервисира“, изјави за „Вечер“ Миќо Стојановски од синдикатот.
Поправката, според него, ќе потрае бидејќи се работи за голема инвестиција, а едно тркало тежи 190 килограми.
Жичарницата функционира повеќе од 14 години, а нејзината изградба чинеше 6,7 милиони евра. На крајот од минатата година Владата најави дека ќе ја реализира втората фаза од проектот – продолжување на трасата од Капиштец до Средно Водно.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски, тогаш изјави дека се прават анализи и пресек на проектот.