29.09.2025

Топ 5

spot_img

Поврзани

Градежен инспектор од Општина Карпош јавно се пожали на притисоци и нефункционален систем

Градежниот инспектор во Општина Карпош, Душко Андонов, кој е вработен во локалната самоуправа од 2008 година, излезе со јавно обраќање во кое укажа на сериозни проблеми во работата на инспекциските служби. Тој тврди дека последниве години е изложен на постојани притисоци, навреди и закани од страна на поединци, вклучувајќи и дел од актуелниот состав на Советот на Општината.

Андонов посочи дека иако секогаш имало соработка меѓу инспекцијата и советот, дел од советниците во овој мандат „често ги пречекоруваат своите овластувања“, а ситуацијата ја оцени како неподнослива. „Најчестите проблеми се ароганцијата и безобразлукот кои се манифестираат со директни притисоци и навреди,“ наведува инспекторот.

Сложена постапка и нефункционална администрација

Во своето обраќање, Андонов детално ја опиша сложената постапка при постапување по пријави за бесправна градба. Според него, инспекторите се врзани со административни процедури кои значително го успоруваат процесот, додека институциите како поштенските служби и МВР не секогаш обезбедуваат ефикасна поддршка.

„Имам над стотина активни предмети, а законот бара при секоја пријава да се следи долга и комплицирана процедура. Често странките не се достапни, одбиваат да примат документи, а поштенските пратки се враќаат. На крај, дури и кога ќе стигнеме до решение за уривање, тоа може да се блокира со жалби или со враќање на предметот од надлежните институции,“ истакнува Андонов.

Повик за реформи

Градежниот инспектор бара итни законски измени со цел скратување на постапките, зголемување на овластувањата на инспекторите и поголем број кадар во службата. Според него, со сегашниот систем е речиси невозможно да се обезбеди ефикасна контрола на бесправното градење.

„Јавно прашувам како еден градежен инспектор може да биде ефикасен со толку многу прекршители, толку сложена постапка и со институции кои не функционираат? Ако сакате ефикасна инспекција, променете го законот,“ апелира Андонов.

Критика кон дел од советниците

На крајот, инспекторот остро се осврна и на однесувањето на дел од советниците во Општина Карпош, за кои тврди дека со години земаат паушали без да вложат труд да ги разберат законите и процедурата. „Жал ми е што мандатот им заврши со ароганција, обиди за самопромоција и создавање хистерија кај граѓаните,“ наведува Андонов.

Со ова јавно излагање, градежниот инспектор ги повика надлежните институции и Министерството за транспорт и врски да преземат конкретни чекори за подобрување на системот и заштита на инспекторите од притисоци и закани.

Популарни