„Чаир денес е една од најнетранспарентните општини во Македонија. Корупцијата и непотизмот го задушуваат развојот, а општината е узурпирана од оние кои ја водат. Наместо да им служат на граѓаните, тие работат за свои интереси,“ изјави кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи.
Тој порача дека со промената на власта на 19 октомври, ќе дојде крај на ваквото управување, а Чаир од најнетранспарентна ќе стане една од најотворените општини во државата.
„Денес сум тука да дадам збор дека тоа завршува по промената на власта на 19 октомври. Од најнетранспарентна, Општина Чаир ќе биде во првите пет општини по транспарентност,“ истакна Османи.
Тој најави нови механизми за борба против корупцијата и заштита на јавниот интерес, обединети во програмата „Граѓанско око“. Османи нагласи дека за разлика од неговите политички противници, кои нудат празни зборови, тој ќе понуди дела и конкретни решенија.
„Граѓанското око“ предвидува четири нови антикорупциски механизми, кои досега не ги вовела ниту една општина во Македонија:
- Јавно отворање на тендерите – со пренос во живо и снимки достапни на интернет, согласно законот за јавни набавки до одредена фаза од постапката.
- Независен мониторинг – присуство на НВО и антикорупциски експерти при избор на најповолен понудувач кај големите тендери.
- „Јавна каса“ – онлајн алатка со која граѓаните ќе можат во секое време да ги следат приходите и трошоците на општината.
- „AI контрола“ – постепено воведување на алатки за вештачка интелигенција за автоматизирана проверка на јавните набавки и финансиските процеси, со цел елиминирање на човечка пристрасност.
„Со овие конкретни и ефикасни механизми ќе обезбедиме вистинска транспарентност и ќе ја заштитиме општината од корупција. Тоа е мојата заложба до граѓаните на Чаир,“ порача Османи.