Само неколку часа по објавата на кандидатурата за градоначалник на Центар, на поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, ѝ затропале на врата од обвинителство преку „нивните сателити“ од МВР – во 20:30 часот.
„Билјана, добредојде во клубот. Сè што си напишала во постот – како да сум го пишувал јас“, вели лидерот на ГРОМ и градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, во својата реакција.
Тој додава дека „за овие на власт нема ништо свето. Сите се нечесни – освен тие. А кои се тие? Тие се оние за кои Ѓорге Иванов носеше аболиција, истите на кои Зоран Заев им донесе закон за амнестија, и истите за кои Али Ахмети направи измени и дополнувања на кривичниот закон за да се спасат десетици нивни функционери“.
„Им требаат градоначалници-фикуси“
Јакимовски обвинува дека причината за притисокот врз Ивановска е тоа што „се дрзнала да се кандидира за многу јака функција – градоначалник на општина“.
„Ним им требаат градоначалници-фикуси, кои растат или на лево или на десно. Па дури и градоначалникот да биде фикус, тие не сакаат да биде исправен – мора да биде или Курто или Мурто. Сè друго што ќе се појави, го нема нивниот партиски печат, а тоа значи нема да ја има партиската послушност“, пишува тој.
„Добредојде во клубот“
„И мене пресудата ми ја соопштија на 23 април. Виновен сум затоа што според нив 2+2 било шест, а јас тврдам дека е четири. Четврти месец минува, пресуда немам, и не можам да се жалам. Сè што можеа – избербатија. Обвинителство, судство, полиција – сите се во служба на власта“, истакнува Јакимовски, додавајќи дека и други градоначалници од опозицијата, како оној на Крива Паланка, биле мета на кривични пријави, додека за корупцијата кај владејачките функционери никој не поставува прашања.
„До Билјана Ивановска ли ви дојде? Таму ќе ја барате корупцијата? Што не ја побарате во Чаир или во некоја друга општина раководена од вашата партија?“, прашува тој.
Порака до Билјана
На крајот, Јакимовски ѝ испраќа порака на Ивановска:
„Продолжи каде што си тргнала – а ничија не горела до зори. Пак ќе им се случи истото, пак ќе бараат аболиции, амнестии, измени на закони, ќе квичат како политички малтретирани и репресирани. Но се ми се чини дека наредниов пат луѓето повеќе ќе памтат и нема да ги прават истите грешки. Колку повеќе репресираат луѓе како тебе, толку повеќе ќе се зголемува отпорот против нив“.