29.09.2025

Топ 5

spot_img

Поврзани

Учениците во Аеродром ќе стартуваат со настава во обновени училишта

В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, утрово ги посети основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Блаже Конески“, „Љубен Лапе“ и „Александар Македонски“, кои ги завршуваат последните подготовки пред почетокот на новата учебна година.

Во ОУ „Браќа Миладиновци“ летово беше целосно реновирана спортската сала, која отсега ќе нуди подобри услови за спортски активности и настава по физичко воспитување. Основното училиште „Блаже Конески“ се подготвува со молерисување на ѕидовите и поставување фасада на новиот дел од објектот, каде неодамна беа вградени прозорци. Со оваа инвестиција училиштето станува енергетски поефикасно и пофункционално.

Во ОУ „Љубен Лапе“ е комплетно обновен главниот влез – со нова фасада, гранитни нелизгачки плочки на платото и скалите, како и нова железна ограда со цел зголемување на безбедноста на учениците. Дополнително, беа реновирани две училници и варосани ходниците на првиот кат. Слична интервенција е изведена и во училиштето „Александар Македонски“, каде што главниот влез е реконструиран за да се обезбеди современ изглед и поголема функционалност.

„Нашата цел е секое дете да учи во безбедна и современа средина. Со овие значајни инвестиции во реновирањата на училиштата, создаваме подобри услови за учење и развој на младите генерации во Аеродром. Ќе продолжиме да вложуваме во инфраструктурата за квалитетно образование и безбедност на учениците“, истакна Митески за време на посетата.

Популарни